Да ви честитам слободна, самостојна и суверена Македонија, порача на 8-ми септември 91-та година, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.
Така одлучија 95 одсто од граѓаните, кога на 8 септември 91-ва година го заокружија одговорот „за“ на референдумското прашање: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Одзивот беше висок и за денешно време тешко достижен: 71,85 одсто.
31 година подоцна, актуелната власт се сеќава на улогата што поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски ја одиграа во градењето на државноста.
Денес, првите луѓе на државата упатуваат пораки за обединување. Претседателот Стево Пендаровски повика на единство и грижа за општото добро.
На овој тежок пат постигнувавме и успеси, но, приредувавме и разочарувања за македонските граѓани. Енергијата често пати ја трошевме на меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план, најголем предизвик со кој и ден-денес се соочуваме, се длабоките поделби на македонското општество, во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех, а, за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста – не за личниот интерес, туку за општото добро, вели Пендаровски.
Обединувачки пораки упатува и Владата. Насловот на прославата е „Обединети во слободата“.
Премиерот Ковачевски вели дека „за секој важен чекор напред – потребно е об единување“. Побара тоа да се стори и околу идејата за држава која брзо чекори по европскиот пат.
Обединувањето на граѓаните е гаранција за домашниот мир. Добрососедските односи се гаранција за регионалниот мир. А нашето обединување меѓу 27-те членки на ЕУ е реална и неопходна перспектива за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, според европските принципи и вредности. Започнатите преговори со ЕУ во план е да ги завршиме многу брзo, порача Ковачевски.
И првиот вицепремиер Артан Груби ги прифаќа пораките за обединетост.
Почетокот на четвртата деценија на нашата независна држава `не наоѓа со решени спорови со соседите и со почеток на преговорите за интеграција во ЕУ…Сега е време да рефлектираме за овие достигнувања и да останеме обединети со унапредување на процесот на интеграција со преземање соодветни чекори во согласност со Преговарачката рамка, смета Груби.
Но, пораките на опозицискиот лидер Мицкоски не го содржат зборот „обединување“, но повеќе пати го повторуваат зборот „референдум“.
Гласот на референдум ја направи Македонија независна…Огромен предизвик беше референдумот за нашата независност. Сега, 31 година подоцна – стоиме пред ист предизвик. Со референдум да ја зачуваме државата пред обидите за уцени и асимилација, а да продолжиме по патот за Европската унија, порачува Мицкоски.
По повод Денот на независноста, претседателот Пендаровски ги одликуваше со орден „8 Септември“ македонските спортисти: Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски.
Соња Николовска