На третиот ден од Медитеранските игри, Македонија ги освои првите два медали. Магомедгаџи Нуров го одбрани златото од пред четири години во Тарагона, а Владимир Егоров се закити со бронзата.
Нуров во финалето се соочи со турскиот репрезентативец Фејзулах Ататурк и во драматична битка на крајот успеа да слави со 4:3.
Противникот во почетната фаза од дуелот имаше предност од 3:0, но во продолжение Нуров успеа да направи пресврт и со извонреден зафат во последните секунди стигна до поените кои го искачија на највисокото место на подиумот.
Претходно Егоров во меч за бронзениот медал беше супериорен во дуелот против Алжирецот, Абделхак Хербаше и успеа да слави со 7:2.