Лулашки, парк и отворен простор. Тоа што жителите на Влае го бараат од своите општински власти, веќе постои овде.
Високи згради има во околината, а нови не се потребни.
Ова е гласот на локалците кои веќе неколкупати се собираат за да дадат до знаење дека се против плановите на градоначалникот.
Се надеваат дека само на хартија ќе остане тоа против коешто се борат, а веќе е вцртано во предлог-ДУП.
„Нам нѝ се одзема правото со постојано зголемување на бројот на објекти коишто се за домување, со узурпација на јавниот простор, на државното земјиште, наместо да се зголеми квалитетот и хуманиот аспект на живеењето. Исто така, еве ние немаме дрвореди. Еве, сведоци сте. Тука се стави бекатон и нефункционална фонтана којашто на никого ништо не му значи, а сега јас и вие вака си се сончаме на овие температури во мај“ изјави Јадранка Плетикоса, жителка на населба Влае.
И денес исто како и пред два месеци, жителите од овој дел од градот даваат писмена поддршка на Иницијативата на граѓанските активисти.
Здружени под називот „Манифест на Борба за Влае“ веќе се собрани илјада потпишани и поднесени анкетни листови во Општина Карпош.
Дали ќе има резултат од истите, останува неизвесно.
„Во топлите денови коишто претстојат, жителите на Влае се прашуваат дали дрвјата или пак висококатници, ќе им го кријат сонцето.“
Активистите обвинуваат дека целиот процес на поднесување анкетни листови наишол на опструкции од страна на карпошовата администрација.
Пред неколку месеци, кога се роди идејата за демократско уривање на ДУП-от, Општина Карпош излезе со соопштение дека во овој предлог-план нема ништо спектакуларно или нешто што не постоело уште во претходните планови.
„Кога нашите граѓани ги поднесувале анкетните листови, административците не сакале да ги примат голем дел од нив, со образложение дека секој треба лично да ги донесе. А, тоа правило никаде не е пропишано. Имаме возрасни граѓани коишто не можат да дојдат. А, биле анализирани и имињата на улиците, па биле враќани дека тие не припаѓаат на Влае 2. Според Законот за урбанистичко планирање, секој има право да поднесе анкетен лист“ вели Јована Стефановска од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“.
Стручните служби на општината треба да дадат издржан одговор на секој граѓанин поединечно, кој поднел анкетен лист.
Потоа, општинските комисии и Министерството за транспорт и врски треба да ги анализираат резултатите од анкетните прашалници.
Тогаш ќе се знае и подетално каква ќе биде иднината на предложениот Урбанистички план.
Петар Догов