Зборови не се бираат, а мета се сите. Говорот на омраза е најприсутен на интернет, а со еден статус на социјалните мрежи се вршат и по неколку повреди на законите.
Делата се испреплетуваат и одговорност не секогаш има.
Граѓанските активисти предупредуваат – политичката припадност е најголемото поле за поделби помеѓу народот во земјава.
Лицата со ретки болести или атипичен развој сè уште се мета на злите јазици и во реалниот живот, но и на социјалните мрежи.
„Едноставно, кога ќе отворите социјални мрежи и кога ќе прочитате нешто што ве чуди како воопшто може да им текне такво нешто да кажат, значи веќе го препознавате говорот на омраза. Тоа што треба да се направи е секако да се реагира, да се осуди, да се пријавува доколку некој е лично засегнат или навреден од тоа“ изјави Денис Јанкуловски, граѓански активист.
Тринаесет закони во Македонија треба да се ускладат со законите за анти-дискриминација од европската пракса.
Но, и од Европската унија нотираат дека иако на хартија работите може да изгледаат идеално дефинирани – спроведувањето на пишаниот збор во пракса често знае да затајува.
„Во поголемиот дел од земјите во регионот законите се релативно добри и во склад со европските стандарди. Тоа што е особено проблематично всушност е нивната примена затоа што тоа е еден долг процес и многу треба да се работи на примената на тие закони“ вели Лејла Дервишагиќ, претставник на програмската канцеларија на Советот на Европа во Македонија.
Во моментов, има повеќе предлог закони и обиди за унапредување на овој корпус права. Борбата е на многу организации и на новинарските здруженија.
Сметаат дека говорот на омраза е тесноопфатен и потребни се повеќе законски решенија за да се регулира.
Претходно, Институтот за човекови права и германската амбасада излегоа со истражување во коешто нотираа дека говорот на омраза и во училиштата е длабоко вкоренет и сè уште има многу работа за најпрво да се препознае, а потоа и да се пријави и санкционира.
Сите овие работи се добро познати и на граѓанските активисти од земјата, но и на претставниците на Европската унија и затоа со кампањи се обидуваат да ја сузбијат омразата во секоја форма.
Петар Догов