Вести Македонија Топ вести

Увидот уште трае, а ќе се бара решение за резервоарите за нафта и бензин кај „Треска“ – ДУП-от за локацијата е стар речиси една деценија

Увидните екипи сè уште се во „Треска“. Се прибираат сите евентуални докази и се врши реконструкција на случајот за да се дојде до одговорите – што се случило во четвртокот.

Секој детал ќе биде важен за стручните лица. Ќе се утврдува од која хала започнале пламените јазици и како се ширеле наоколу.

Општинската Комисија за урбанизам веќе работи на случајот за да се разјаснат и одредени поединости околу земјиштето.

„Дополнително ќе се увиди кои хали се запалени, но тоа кога ќе заврши самата истрага, за да знаеме за кои хали станува збор. Информациите коишто ми се доставени од страна на Комисијата за урбанизам во Општина Центар се дека халите се во приватна сопственост, а земјиштето коешто е во „Треска“ од околу 47% е во државна сопственост“ изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

На почетокот на наредната недела во Општина Центар ќе бидат примени претставници од Животна средина, МВР, Пожарна и сите чинители кои можат да дадат одговори – што да се прави околу чувањето на опасните остатотоци и супстанци кои тлееле во кругот на „Треска“ со години.

„Портите на „Треска“ се затворени, а внатре веќе се расчистува отпадот којшто остана по страшниот пожар во четвртокот. Во понеделник, Кризниот штаб на Центар ќе одлучува што да прави со старите резрвоари за нафта и бензин коишто се огромна закана за околината.“

Во моментов, земјиштето каде што е лоцирана поранешната фабрика „Треска“ подлежи под Детален урбанистички план стар речиси една деценија.

„Стопирана е постапката од претходната планерска куќа. Имаме важечки Детален урбанистички план од 2013 година и тој е во сила. Во моментов се пушта јавна набавка и ќе се избере нова планерска куќа којашто ќе продолжи со доработување на ДУП-от Буњаковец 1 и 2 каде што и спаѓа парцелата на „Треска“. Мислам дека следната недела би требало да се пушти истата. Имаме рокови и за од кога ќе се избере фирмата, за жалби, молби. Би требало до крајот на следниот месец да се заврши целата постапка за избор на планерска куќа“ изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

Пожарот кај „Треска“ се случи во четвртокот, нешто по 14 часот. 55 пожарникари веднаш излегоа на терен и два часа се обидуваа да го локализираат.

Половина Скопје го виде и почувствува чадот кој се издигна над старите простории кои порано биле производствени погони.

Тогаш, градоначалничката на Град Скопје, Арсовска, истакна дека пожарот е подметнат и дека има сомнежи за такво нешто, но сè уште се чека на официјалните информации од институциите кои водат истрага.

Петар Догов 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео)Бел чад од Сиктинската палата – Избран нов Папа на римокатоличката црква

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе