Вести Свет Топ вести

Азов обвинува за хемиски напад во Мариупол

САД и Велика Британија работат на потврдување на информациите кои прво се појавија на социјалните мрежи, дека руската армија употребила хемиско оружје во опсадениот Мариупол. Тврдењата прв ги изнесе поранешниот командат на националистичкиот баталјон Азов, Андриј Билетски, во видео порака на Телеграм. Билетски, тврдеше дека руската армија употребила хемиско оружје против припадници на Азов, кои ја бранеле челичарницата Азовстал во Мариупол. Западните земји веднаш предупредија дека ако биде потврдена информацијата, сите опции ќе бидат на маса.

„Ако тие биле употребени, ќе има одговорност. Мислам дека би било корисно да се задржи одреден степен на нејаснотија околу тоа каков точно ќе биде одговорот. Но, да биде јасно, ако тие воопшто биле употребени, тогаш претседателот Путин треба да знае дека сите можни опции ќе бидат на маса за тоа како западот ќе одговори.“ – изјави Џејмс Хапи – Министер на вооружените сили на Велика Британија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека многу сериозно ги сфаќаат обвинувањата за употреба на хемиско оружје. Вели дека руската армија продолжува да извршува воени злосторства во Украина, минирајќи цивилни домови и автомобили, па дури и ниви и полиња од регионите каде што се повлекла.

„Верувам дека тоа треба да биде сметано како едно од воените злосторства на руските сили. Намерно прават сѐ што можат за да убијат, или повредат, колку што може повеќе луѓе, дури и кога мораа да се повлекуваат од нашата земја. Не би го правеле тоа без наредби.“ – рече украинскиот претседател Зеленски.

Во очекување на големата руска офанзива во Донбас, украинските вооружени сили соопштија дека непријателските единици се повлекле на руска територија и се регрупираат во близина на украинската граница. Потврдија дека жестоки борби се водат на повеќе места, посочувајќи дека одбиле шест напади од териториите на Доњецк и Луганск.

Москва пак, соопшти дека нејзината армија синоќа спречила обид на украинските бранители во Мариупол да ја пробијат опсадата и да се евакуираат од градот.

„Со воздушни и артилериски напади ова пробивање беше спречено. Уништени беа три украински тенкови, пет борбени пешадиски возила, седум автомобили и 50 војници. Уште 42 украински војници доброволно го положија оружјето и се предадоа.“ – рече портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков.

Киев деновиве очекува нов обид на руската армија за преземање на Мариупол, каде вчера, на социјалните медиуми се појавија тврдења дека бранителите на опсадениот град повеќе немаат муниција и храна, и ја водат последната битка.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Пожарникарите наишле на запалени палети и мирис на бензин – Ангелов за пожарот во Чучер Сандево

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе