Украинската влада ги повика своите граѓани да се евакуираат итно од регионот на Луганск, преку 5-те планирани хуманитарни коридори, и да се спасат од очекуваната жестока офанзива на руските окупациони трупи.
Русите се уште не успеаа да ги пробијат нашите одбранбени позиции, но уништуваат се на својот пат, затоа ве молам евакуирајте се итно, апелираше гувернерот на Луганск, Серхеј Гајдај. Истовремено, по објавување на шокантните видео снимки од масакрот кој руските сили го извршиле во Буча, во предградијата на Киев, Соединетите американски држави и ЕУ најавуваат нови санкции против Русија. Според информациите на Белата Куќа, цел на овие санкции се очекува да бидат и двете ќерки на Путин.
„Во координација со Г-7 и ЕУ, дополнителен пакет на широки санкции кои ќе ги зголемат загубите на Русија и ќе ја испратат дополнително надолу по патот на економска, финансиска и технолошка изолација. Ова ќе ја вклучи и забраната за нови инвестиции во Русија и ќе ги засили санкциите на финансиските институции и државните претпријатија, а ќе има и санкции против руски владини претставници и членовите на нивните семејства“, изјави Џен Псаки, прес секретар на Белата Куќа.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ денеска ќе ги разгледаат новите санкции против режимот на Путин, кои претходно ги образложи претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен. Тие меѓу другото вклучуваат и забрана за увоз на рускиот јаглен и целосна забрана на работата на 4 руски банки и други остри мерки. Но, шефот на Европската дипломатија, Јосеп Борел, во денешното обраќање во Европскиот парламент, најдобро ја илустрираше парадоксалната ситуација во која се наоѓа Унијата во овој миг, кога воено се обидува да и помогне на Украина да се одбрани себеси, но истовремено е и тоа како зависнаа од руските енергенси.
„На Украина досега сме и дале 1 милијарда евра воена помош. Тоа можеби изгледа многу, но милијарда евра му плаќаме на Путин секојдневно за енергијата која ни ја обезбедува. Од почетокот на војната сме му дале 35 милијарди евра. Споредете го тоа со една милијарда која сме ја дале на Украина за оружје и воена помош“, рече Јосеп Борел, шеф на надворешната политика на ЕУ.
Ова е миг во кој мора да покаже на која страна сте, апелираше до западните лидери и Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој побара драстични санкции против Москва, по обелоденувањето на воените злосторства кои се извршени од руските сили во Буча.
„Сега, ова е важен миг, прво за сите Западни лидери. Не се однесува на тоа како нашите луѓе ќе ги гледаат новите санкции и што ќе кажам јас за нив. Се однесува на тоа како одлуките за санкциите ќе бидат гледани во Западното општество. По работите кои ги видовме во Буча, санкциите против Русија мора да бидат соодветни со тежината на воените злосторства извршени од окупационите сили“, изјави Зеленски.
Официјална Москва инсистира дека нивните сили не извршиле никакви злосторства и покрај бројни сведоштва на жителите на Буча, Бордјанск и други северни предградија на Киев. Станува збор за специјална војна, за лажни вести, чија цел е да се блокира мировниот процес и да и овозможи на Украина да ги блокира преговорите, обвини шефот на руската дипломатија , Лавров, кој го нарече апсурден, начинот на кој официјален Киев сака да го потврди евентуалниот договор.
„Загрижени сме дека Украинската страна одлучи да бара дека во случај на потпишување на договорот за кој зборував, сите борбени активности мора да бидат запрени и руските вооружени сили мора да ја напуштат Украина. Потоа, наводно ќе се одржи референдум, ратификација во Парламентот. Има силна можност дека кога ратификацијата и референдумот ќе дадат негативен резултат, ќе треба повторно да го почнеме процесот на преговори. Не сакаме да си играме таква игра на мачка и глушец“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Нова воена помош за Украина во изност од 100 милиони долари за анти-тенковските системи Џавелин, најави и НАТО, од каде исто така најавуваат жестоки борби во источна Украина.
Никола Илиевски