Против покачувањата на цените, сиромаштијата и нееднаквоста и со барање за зголемување на платите, најголемите синдикати на вработените во јавниот и приватниот сектор во Грција, од шест часот утрово започнаа 24-часовен генерален штрајк што ќе ја парализира земјата.
Поради генералниот штрајк, нема да функционира јавниот сектор, во прекин, 24 часа ќе биде бродскиот и железничкиот сообраќај, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, метрото, трамвајот и тролејбусите нема да функционираат, единствено ќе сообраќаат автобусите, но само од 9 до 21 часот.
Првично беше најавено учество и на контролорите на летање, што ќе создадеше сериозни проблеми во авио сообраќајот, меѓутоа штрајкот беше прогласен за незаконски, па така сите летови ќе функционираат регуларно.
Со четиричасовен прекин на работата од 12 до 16 часот во штрајкот учествуваат и грчките новинари.