Вести Најважни Свет

Зеленски пред Советот за безбедност на ООН: Буча е само еден пример за тоа што руската армија го прави во Украина изминативе денови

Светот допрва ќе ја дознае вистината, порача украинскиот претседател пред Советот за безбедност на ООН, кој беше свикан по обелоденувањето на масакрот во киевското предградие. Буча е само еден пример од тоа што руската армија го прави во Украина изминативе 41 ден, рече Зеленски, и опиша како русите беспоштедно го ограбувале градовите и селата кои ги окупирале. Поради тоа, украинскиот претседател побара формирање на меѓународен трибунал за Русија, сличен на Нирнбершките судења по Втората Светска Војна.

  • „Сега светот гледа што направила руската армија во Буча, додека градот беше под нејзина окупацја. Но, светот допрва ќе види што направиле во останатите окупирани градови и региони во нашата земја“ – Володимир Зеленски – Претседател на Украина.

Американскиот државен секретар изјави дека САД во соработка со повеќе западни земји започнале со прибирање докази за да помогнат во истрагата на украинското обвинителство и Истражната комисија на Советот за човекови права на ООН. Блинкен порача дека одговорните за ѕверствата во Украина, мораат да одговараат.

  • „Тоа што го видовме во Буча не е изолирано дивеење на одметната единица. Ова е осмислена кампања за убивање, измачување, силување и извршување ѕверства. Извештаите се повеќе од кредибилни, доказите се таму и целиот свет може да ги види“ – Ентони Блинкен – Државен секретар на САД.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг стравува дека како руската армија ќе се повлекува од делови на Украина, така ќе се откриваат повеќе воени злосторства.

  • „Бидејќи мислам дека сѐ уште не сме виделе сѐ што се случило, затоа што Русија сѐ уште контролира голем дел од овие територии. Но, кога ќе ги повлечат, и ако ги повлечат единиците и украинската армија ја преземе контролата, се плашам дека ќе видиме повеќе масовни гробници, повеќе ѕверства и повеќе примери на воени злосторства“ – Јенс Столтенберг – Генерален секретар на НАТО.

Столтенберг исто така рече и дека концентрација на руската армија за голема офанзива во Донбас, е очекуван потег од Москва, и најави дека членките на НАТО ќе дискутираат како може дополнително да ѝ се помогне на Украина на ова боиште. Повлекувањето на руските сили северно од Киев во Белорусија се толкува како дел од подготовката за нова голема офанзива во Донбас. Кон овој регион во офанзива тргнале и дел од единиците распоредени северно од Мариупол, речиси целосно уништениот град на југот од Украина.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе