Вести Свет Топ вести

Унгарците одлучуваат дали ќе му доделат четврт мандат на Виктор Орбан

Унгарците денеска одлучуваат дали ќе му дадат шанса за уште еден четврти последователен мандат на националистичкиот премиер Виктор Орбан или власта ќе ја предводи шестпартискиот опозициски сојуз „Обединети за Унгарија“ кои оставајќи ги настраната своите идеолошки разлики формираа обединет фронт против десничарската партија Фидес.

Орбан кој е жесток критичар на имиграцијата, правата на ЛГБТ заедницата и „бирократите на ЕУ“ – го привлече восхитот на десничарските националисти низ Европа и Северна Америка, но, тонот на кампањата драматично се промени со руската инвазија на соседна Украина. По гласањето во Будимпешта, унгарскиот премиер рече дека очекува „голема победа“ и го прикажа гласачкото ливче како избор помеѓу „мир или војна“, обвинувајќи ги своите противници повторно дека се обидуваат да ја вовлечат Унгарија во конфликтот во Украина.

„Поради војната, надвор од обичните теми, дел од оваа кампања стана и прашањето за војната и мирот. Нашиот став е јасен, дека сме на страната која гарантира мир и безбедност. Нашиот противник го гледаме како опасен. Бараме сите да гласаат за оние партии кои се способни да гарантираат мир и безбедност“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Предизборните анкети укажуваат на тесна трка во Унгарија, но на партијата на Орбан му даваат мало водство, за што најверојатно неопределените гласачи ќе го одредат победникот на гласањето на денешните избори.

Неколку стотици приврзаници на шестпартиската коалиција на денот пред изборите се собраа во центарот на Будимпешта, а водачот на движењето и главен противник на Орбан, Питер Марки-Зај, рече дека овие национални избори се за да се стави крај на „најкорумпираната влада во 1.000-годишната историја на земјата“ и да се воведе нова ера на инклузивна демократија во нацијата од Централна Европа и Европската унија.

„Виктор Орбан ја предаде нацијата, го предаде НАТО, ја предаде Европа и ги предаде Унгарците од Закарпатија. Да, Виктор Орбан е предавник. И чесен Унгарец не може да гласа за предавник!“, рече Петер Марки-Зај, кандидат за премиер на унгарската опозициска коалиција.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа испрати набљудувачка мисија во Унгарија за следење на изборите, откако претходната 2018 година ја опиша како „слободна, но неправедна“. Дел и од мисијата се и македонските пратеници Моника Зајкова, Игор Јанушев и Халил Снопче. Зајкова телефонски за Телма изјави дека голема е излезноста на гласачи особено во руралните средини, и вели дека не се забележани поголеми неправилности на гласачките места.

Унгарците денеска гласаат и за референдум, одговарајќи на четири прашања поврзани со неодамнешниот анти-ЛГБТ закон, кој забранува разговор со луѓе помлади од 18 години за промена на полот и хомосексуалноста. Избирачките места се затвораат во 20 часот, а на овие избори се очекува висока излезност од над 70 отсто.

Мартин Николовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бројот на жртви во поплавите во Тексас се искачи на 59 – стотици спасувачи трагаат по исчезнати

Дејан Дејан

Пожар кон граничниот премин Блаце, се шири кон шума

Дејан Дејан

Во Катар почнуваат преговори меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе