Украина ја обвини Русија за „геноцид“, тврдејќи дека пронашла тела на 410 цивили во околината на Киев, области кои деновиве ги врати под своја контрола. Злосторството ја шокираше јавноста во Европа и во САД. Руското министерство за одбрана негора дека убивале цивили.
Безживотни тела на мажи, жени и деца по улиците на градот Буча го прикажува ужасот на војната во Укрина по повлекувањето на руските сили од градот. Во околината на Киве се пронајдени повеќе од 400 безживотни тела.
100 тела завиткани во црни кеси денеска беа погребани во масовни гробиници, за жал само дел од нив беа идентификувани. Војниците ги врзуваа телата со сајли и ги извлекуваа настрана од патот, плашејќи се дека можеби на нив има експлозивни направи. Преживеаните жителите на Буча велат дека руските трупи сееле смрт без никаква причина, поставувале мини околу домовите, во уништената воена опрема, па дури и на телата на загинатите. Тие сведочат за убиствата кои се случиле пред нивните очи, а некои се плашат да застанат пред камера.
- Последниот ден кога дојдоа еден маж остана во Стековка во близина на деветкатница. Тој ги крена рацете и тие го застрелаа. Жената влезе во нејзината куќа и тие исто така ја застрелаа без никаков причина, вели жител на Буча.
- Тој отиде да земе дрва кога наеднаш тие (Русите) почнаа да пукаат. Го погодија малку над петата, му ја здробија коската и тој падна. Војникот викаше: „Не врескај или ќе пукам“. Тој се сврте, потоа, целосно му ја откинаа левата нога, со чизмата. Потоа го застрелаа по целата оваа страна. А уште еден истрел под слепоочницата, сосема контролиран истрел во главата, рече Хана Херега, жителка на Буча.
Киевска област, беше во центарот на тешките борби каде се извршени злосторства од руските трупи, многу мртви цивили сè уште лежат на улиците. Градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук изјави дека некои жителите, и жени и мажи, биле застрелани во задниот дел од главата. Хуманитарните организации веднаш после невлегувањето на украинската војска започнаа со доставување на храна и лекови. Дел од жителите на Буча, велат дека со денови јаделе само каша.
- Сите имаа некакви житарки, се носеше вода од резервоар. Потоа ни испратија и леб. Не видовме леб, дури вчера ни дадоа. И така само каша, каша, каша – и тоа беше за сите, вели Анатолиј Иванович, жител на Буча.
Русија е полоша и од терористичката Исламска држава, рече шефот на украинската дипломарија Кулеба, кој злосторствата во Буча ги нарече најгрозоморното злосторство во 21 век.
- Масакрот во Буча е најгрозоморното злосторство во 21 век. Без претерување со она што го видовме во Буча и околината, можеме да заклучиме дека Русија е полоша од ИСИС по обемот и немилосрдноста на извршените злосторства. Ќе ги собереме сите докази, ќе работиме со сите релевантни меѓународни институции за да се идентификуваат одговорните за овие злосторства, рече Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
Европските лидери најавија дека ќе воведат дополнителни санкции против Русија поради убиствата на невооружени цивили. Германија го осуди ова „страшното воено злосторство“. Велика Британија бара истрага за „неселективните убиства“. Францускиот претседател Макрон ги нарече сликите од масакрот „неподносливи“. Денеска руските воздушни сили бомбардираа нафтена рафинарија стратешкиот јужен пристанишен град Одеса.
Билјана Ставрова
(возменирувачки снимки)