Лидерите на Европската унија и Кина се среќаваат денеска за прв пат по две години, а на тој самит Брисел ќе се обиде да добие гаранции од Пекинг дека нема да испорача оружје на Русија и да и помогне на Москва да ги заобиколи западните санкции наметнати за инвазијата на Украина.
Европските претставници ангажирани во подготовките за самитот рекоа дека каква било помош за Русија ќе ѝ наштети на меѓународниот углед на Кина и ќе ги загрози односите со двата нејзини најголеми трговски партнери – Европа и САД.
Претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел ќе одржат виртуелен самит со кинескиот премиер Ли Кечијанг, а потоа и со претседателот Кси Џинпинг.
Ставот на Кина кон Русија, истакна еден претставник на ЕУ, ќе биде „прашање од милион долари“ денес.
Една четвртина од глобалната трговија на Кина минатата година беше со ЕУ и САД, додека трговијата со Русија изнесува само 2,4 отсто, потсети друг европски функционер.