Од утре сите потенцијални купувачи на рускиот гас од ткн непријателски земјиа ќе мора да плаќаат во рубљи, одлучи рускиот претседател Владимир Путин. По потпишувањето на декретот со кој ја донесе оваа одлука, Путин додаде дека доколку западните земји не ја почитуваат оваа одлука, тоа ќе се смета за неисполнување на нивните обврски, со сите последици кои следуваат.
Никој нас не ни продава ништо без пари. Нема ниту ние да работиме со милосрдие. Тоа значи дека сите постоечки договори ќе бидат запрени. Сакам повторно да нагласам. Во ситуација кога финансискиот систем на западните земји се користи како оружје, кога компаниите од овие земји одбиваат да ги исполнат своите договори кон руските банки, компании, поединци, кога имотите во долари и евра се замрзнати, нема никаква смисла да се користат валутите на овие земји, изјави Путин.
Што значи ова во пракса. Западните влади во државите како Германија, Италија или Франција ќе мора да отворат сметки во банката на Газпром и да префрлат евра или долари на таа сметка. Банката потоа ќе ги користи странските валути да купува рубљи со кои ќе се плаќа гасот.
По најавата на Путин, цените на гасот остануваат високи, но и не се кренаа во стратосферата. Газпромбанк и досега не беше санкционирана од Европската Унија, токму за да се обезбеди континуитетот на трговијата со енергенси.
Суштинската цел на Путин е да се ограничи можноста на Западот да ги замрзне парите кои се плаќаат на Газпром, мерка која рускиот претседател ја опиша како бесплатно давање на гасот.
Што се случува сега, што се случуваше досега. Ние обезбедувавме за европските потрошувачи наши ресурси, во овој случај гас. Тие го примаа, ни плаќаа во евра, кои потоа самите ги замрзнаа. Во оваа смисла, постојат причини да сметаме дека ние сме доставиле дел од гасот за Европа всушност бесплатно. Секако, ова не може да продолжи, затоа што во случај да има нови испораки на гас кои би биле платени на традиционалниот начин, новите сметки во долари или евра исто така може да бидат блокирани, вели Путин.
Германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер, по средбата со својот францускуиот колега, Бруно Ле Мар, изјави дека увозот на енергенси од Русија ќе продолжи да биде плаќан во евра.
Двајцата министри не сакаа детално да го коментираат барањето на Путин, странските купувачи на гас да отворат сметки во Газпромбанк
Детално ќе го разгледаме тоа што се предлага и бара. Но, јасно е дека според нас, не смее да има форма на политичка уцена. Договорите ќе бидат исполнети како што беа постигнати. Конкретно, не сакаме да имаме нови придонеси во воениот буџет на Путин и затоа санкциите против Руската Централна Банка и валутата остануваат клучни за нас, изјави Кристијан линднер
Речиси 40% од природниот гас кој го користат, земјите од ЕУ го купуваат од Русија, при што Германија е убедливо најголемиот клиент.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, често пати критикуваше некои од членките на ЕУ, особено Германија, дека заради зависноста од рускиот гас, одбива појасно да ја поддржи неговата земја во борбата против Руската инвазија.
Никола Илиевски