Украинските власти потврдија дека 300 луѓе загинале под урнатините на театарот во Мариупол кој беѓше гранатиран минатата недела. Жестоки битки се водат во реонот Ирпин северно од Киев. Руската армија по вторпат од едно месечните борби јавува за загинати повеќе од 1.350 свои војници, но во редовите на украинската војска, велат има 14.000 жртви. Денеска рускиот Генералштап соопшти дека првата фаза од воена операција е завршена, сега се фокусираат на „целосното ослободување“ на Донбас.
Официјално е потврдено дека околу 300 луѓе загинале во минатонеделниот напад на театарот во Мариупол, градот е уништен и ќе бидат потребни „години за да се обнови“, рече градоначалникот. Четворица загинаа откако руски напади погодија медицински центар во Харков, соопшти локалната полиција.
- Перосналот на нашиот оддел не бил дома од првиот ден на војната, од 24 февруари. Живееме тука, ги лечиме пациентите кои се повредени во борбените дејствија- Серхиј Беласхов, анестезиолог.
Тешки борби меѓу руските и украинските сили во реонот Ирпин, северно од Киев. Огромен чад излегува од висококатниците ден откако градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека украинските сили ја вратиле контролата врз областите на северозапад и североисток од градот, како и поголемиот дел од Ирпин. Жителите на блиското село до Киев, Калиновка сведочат за експлозијата на складиште на гориво каде паднала руска ракета.
- Бев дома со моите деца кога се случи силна експлозија. Беше многу силна. Прво дури можев да слушнам нешто како лета, имаше силен збук. Беше многу гласно. Бевме на пат кон засолништето кога се случи силна експлозија. И сè стана црвено, зелено, кафеаво- Маја, жител на Киев.
- Живееме недалеку од овде, само еден километар праволиниски од овде. Ова е кошмар. Нашите деца плачат, што се виновни децата? Кого сака (Путин) да спаси? Не знам кого сака да спаси?” – Павло, жител на Киев.
Руската армија соопшти дека првата фаза од нејзината „специјалната воена операција“ во Украина е завршена, сега се фокусираат на „целосното ослободување“ на источниот регион Донбас, каде 93 отсто од регионот Луганск и 54 отсто од Доњецк се под руска контрола. А продолжува ослободувањето на Мариупол, велат руските воени сили. Државните медиуми навестуваат можно намалување на руските воени активности во Украина. Рускиот Генералштаб јавува за 1.351 загинат руски војник, а повеќе од 3.825 ранети, но бројот на загубите на украинска страна се десетпати поголеми.
- Од почетокот на специјалната воена операција, вооружените сили на Украина, заедно со Националната гарда, броеја 260.200 војници. Во текот на месецов нивните загуби изнесуваат околу 30.000 луѓе, вклучително и повеќе од 14.000 загинати и околу 16.000 повредени- Сергеј Рудској, заменик-началник на рускиот Генералштаб.
- Под жестоко противење на официјалните власти на Украина од почетокот на специјалната воена операција, 419.736 луѓе беа евакуирани во Русија од опасните региони на Украина, Доњецк и Луганската народна република, од кои 88.373 се деца- Михаил Мизинцев, шеф на рускиот Национален контролен центар.
Американскиот претседател Џо Бајден пристигна во Полска каде го завршува своето патување во Европа, на разговори со полскиот претседател Анджеј Дуда, земјата на која и потребна помош помошта бидејќи трпи „огромна последица“ во период кога Европа ја доживува најголемата бегалска криза од Втората светска војна.
Билјана Ставрова