Какви се опасностите врз македонската економија од руската инвазија во Украина?
Постои ли можност за појава од стагфлација, односно комбиниран ефект од три големи економски зла, стагнантна и ниска стапка на бруто домашниот производ, релативно висока инфлација и пораст на невработеноста?
На овие прашања во вечерашната Топ Тема со Наташа Стојановска одговараше академикот Таки Фити.
Според Фити, за Македонија ваквото сценарио за појава на стагфлација е мало, иако инфлацијата во февруари веќе достигнала 7,1 %, забележувајќи сепак дека Народната банка се уште не ги активирала инструментите со кои располага, за да ја зауза инфлацијата.
„Најважниот инструмент е таканаречената основна или референтна каматна стапка. Каматна стапка од која зависат сите други каматни стапки преку кои испраќа сигнали централната банка како ќе се движат каматните стапки за кредитите, фирмите, граѓаните и така натаму. Таа е најниско историско ниво од 1,5%. Се уште не реагира нашата централна банка, што покажува дека не е така страшно и ургентно, односно дека очекуваат смирување на цените и инфлацијата. Но, ако има потреба тука ќе реагираат, со зголемување на основната каматна стапка а исто така може да се реагира и со зголемување на задолжителните резерви“ – изјави Фити.
Во однос на опасноста за стабилноста на денарот, Фити подвлече дека нема никаква опасност тоа да се случи.
„Во овој момент имаме рекордно високо ниво на девизни резерви, кои се 3,4 милијарди се девизните резерви, евра. Ние имавме два пати помалку кога беше кризата на еврото, 2012, кога беше европската должничка криза, па не се случи девалвација на денарот. Луѓето тогаш се исплашија, почнаа да си ги земаат девизните штедни влогови од банките, меѓутоа кога видоа дека банките им ги враќаат без никаков проблем, тоа траеше околу еден месец, веднаш си ги вратија, дури и порасна девизното штедење. Не треба луѓето воопшто да бидат загрижени. “ – изјави Фити.
Академик Фити во овој контекст ја потенцираше и стабилноста на банкарскиот систем.
„Здрави се, добро капитализирани, со големо присуство на странски капитал, со добро корпоративно управување, силни и јаки, тука нема никаков проблем. Луѓето не треба да се плашат дека банките не можат да ги вратат девизите. Секое трчање сега да ги земате девизите, тоа се големи трошоци и губитоци за луѓето и непотребно трошење енергија“ – потенцираше Фити.