Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска објави дека американскиот државен секретар Антони Блинкен и понудил на својата земја, која е нападната од соседна Русија, поголема помош преку санкции и оружје.
„Во нашиот разговор, секретарот Блинкен потврди дека американската поддршка за Украина останува непоколеблива“, напиша Кулеба на Твитер.
„Нагласив дека Украина копнее за мир, но се додека сме под руски напад ни требаат повеќе санкции и оружје. Секретарот ме увери и во двете. Ги координиравме понатамошните чекори“, рече тој.
Вашингтон веќе воведе серија санкции во договор со другите западни сојузници за да го ограничи пристапот на Русија до странски фондови, инвестиции или технологија како одмазда за инвазијата на Украина.
Соединетите Држави обезбедија оружје за помош на Украина во есента 2021 година и повторно во декември, а во петокот, претседателот Џо Бајден му нареди на неговиот Стејт департмент да ослободи до 350 милиони долари оружје од американските залихи.
Но, Вашингтон категорично го отфрли барањето на Украина Западот да воведе зона на забранети летови за да ја заштити Украина од руските воздушни напади – потег што ќе ги доведе западните сили во директен конфликт со руската војска.