Околу 350.000 луѓе влегле во Полска од Украина од почетокот на руската инвазија на земјата, изјави денеска полскиот заменик министер за внатрешни работи.
„Во последните 24 часа, 100.000 луѓе ја поминаа полско-украинската граница“, изјави Мациеј Васик.
„До четврток имаме вкупно 350.000 бегалци“, рече тој.
Вкупниот број на луѓе кои бегаат од Украина е над половина милион, велат ОН.
„Повеќе од 500.000 луѓе ја напуштија земјата во соседните земји“, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди. Повеќето од нив се наоѓаат во Полска.
Покрај тоа, стотици илјади се раселени во самата Украина, но портпаролот на УНХЦР Крис Мелцер вели дека е тешко да се дадат точни бројки. Хуманитарниот координатор на ОН Мартин Грифитс рече дека ОН се обидуваат да обезбедат дополнителна хуманитарна помош за Украина, но има потреба од повеќе пари и безбедносни гаранции.
Во Украина моментално се активни вкупно 119 хуманитарни организации, пишува агенцијата ДПА.