Сајбер напад врз земја-членка на НАТО може да предизвика активирање на членот 5, клаузулата за колективна одбрана, изјави претставник на НАТО.
Воената алијанса со години јасно стави до знаење дека сериозен сајбер напад може да предизвика клаузула, но таквото сценарио досега беше главно хипотетички.
„Сојузниците, исто така, признаваат дека влијанието на значајните злонамерни кумулативни сајбер активности може, во одредени околности, да се смета за вооружен напад“, изјави функционерот за Ројтерс.
„Нема да шпекулираме колку сериозен треба да биде сајбер нападот за да се активира колективен одговор. Секој одговор може да вклучува дипломатски и економски санкции, сајбер мерки или дури и конвенционални сили, во зависност од природата на нападот“, рече претставникот.
Дали сајбер нападот достигна доволно висок праг за да го активира членот 5 ќе биде „политичка одлука што мора да ја донесат сојузниците на НАТО“, додава тој.
Велика Британија и САД предупредија на потенцијални сајбер напади врз Украина кои би можеле да имаат меѓународни последици доколку, на пример, малициозен софтвер дизајниран да ги таргетира мрежите во Украина почне да се шири на друго место.
Претседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот на САД, Марк Ворнер, рече дека нема јасни насоки за тоа како НАТО треба да одговори доколку се случи таков напад.