Вести Економија Свет

Можен ли е монетарен колапс на Русија после економските санкции- дел од 640 милијарди долари девизни резерви е во странство

Додека западните медиуми известуваат и најавуваат монетарен колапс на рускиот финансиски систем чии девизни резерви се заробени надвор од Русија, Путин и Москва најавуваат контарудар и Указ за забрана на изнесување на пари на странските инвеститори. Санкциите предизвикуваат проблеми и на западните берзи, но најмногу за руските граѓани кои вообичаено штедат во странски валути кои сега не смеат да ги продаваат. Санкциите предизвикаа и огромен пад на богатсвото на руските милијардери, за два месеци изгубиле над 83 милијарди долари.

Втор ден по ред руската берза е затворена за да не се предизвика нов пад на акциите, од друга страна рубљата закочи во слободниот пад и се стабилизира на вчерашната рекордно ниска вредност.

Зголемените камати на централната банка ги задржуваат луѓето да не вадат многу пари, а на сила е и забраната за купување на странски валути.

Но санкциите удираат по руските граѓани, например веќе не може да платат со западно издадените бесконтактни картички во јавниот превоз на Москва.

Причината е во тоа што е блокирана финансиската размена преку SWIFT системот. А многумина имаат девизни заштеди во големите руски банки кои се под санкции. И под странски и под домашни.

-Сите мои пари се во странска валута и многу сум скептичен во однос на ВТБ-банката и Сбербанк и на државните банки. Не може да кажам дека бев подготвен, но сметав дека може да дојде до овој степен бидејќи сум руски граѓанин, вели Владимир Вјаселов, руски бизнисмен.

Русија се обидува да ги задржи средствата на странските инвестотори во своите граници, а Путин подготвува указ за забрана за изнесување на парите на инвеститорите надвор од државата.

Лесно е да се излезе од пазар, но тешко е да се вратиш, предупредува рускиот премиер.

-Во сегашната состојба со санкции, странските инвеститори се присилени да се водат не од економски фактори туку да носат одлуки под политички притисок. За да му овозможиме на бизнисот да носи одлуки базирани на информации, во подготовка е претседателски указ со кој привремено ќе се замрзне изнесување на имот од Русија. Се надевам дека тие што инвестираа во нашата земја ќе може да продолжат, рече на итната средба на рускиот владин економски тим, Михаил Мишустин, премиер на Русија.

Но, економските санкции имаат за цел да ги парализираат руските девизни резерви проценети над 640 милијарди долари, од кои добар дел се наоѓаат во странство.

Една од информациите е дека најбогатите руски милијардери од јануари до 5-тиот ден на војната изгубиле 83 милијарди долари. А покрај загубите, тие се и под санкции исто како и претседателот Путин, премиерот Мишустин и дипломатот Лавров-чии сметки ги замрзна дури и неутрална Швајцарија која воведе санкции за над 360 руси.

Губитоци има и на западот, берзанскиот индекс на големиот Волстрит поради неизвесноста од рускиот монетарен контранапад вчера падна.

Се усложнуваат предизвиците пред се со набавка на енергенси за Европската Унија иако францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер смета дека состојбата со предвидената инфлација и енергетската криза бргу ќе се санираат.

-Европа може да се соочи со малку зголемена инфлација, цената на гасот може малку да се зголеми, но Русија ќе страда, руската економија ќе страда и ќе бидеме сведоци на колапс на рускиот финансиски систем. Единствената последица за Европа во следните недели е благо зголемување на цените поради поскапите енергенси, изјави Бруно Ле Мер, министер за финансии на Франција.

Руската Сбербанк има две филијали на Балканот, словенечката е речиси мртва додека во Хрватска се предлага санација на оваа банка во која Хрватите имаат заштеди од над 422 милиони евра.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Децата мора да се охрабруваат да говорат за булингот“ пораки од работилница во Гази Баба на општествено одговорната кампања „Крени Глас“ на Макпетрол

Дејан Дејан

Во болницата во Кочани стои нова хипербарна комора без специјалист да ја стави во функција велат од “SupportКоcani“

Дејан Дејан

Пет барања испрати семејството на Фросина од протестот по пресудата од 12 години за Васил Јованов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе