Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да испрати делегација во белорускиот главен град Минск на преговори со Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе ДПА.
Како одговор на предлогот на Зеленски, претседателот Путин е подготвен да испрати делегација на ниво на претставници на министерствата за одбрана и надворешни работи и на претседателската администрација во Минск за преговори со украинската делегација, рече Песков.
Украина претходно најави дека е подготвена за преговори, а Песков изјави дека демилитаризацијата е основен дел од условите за преговори.
Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски одржувајќи прес-конференција за состојбата со инвазијата, зборувајќи на руски јазик, му се обрати на Путин и го повика да започне преговори со неговата влада.
Би сакал уште еднаш да му се обратам на претседателот на Руската Федерација. Борби се одвиваат низ целата територија на Украина. Да седнеме на преговарачка маса и да го запреме убивањето, порача Зеленски.