Вести Најважни Свет

Русија започна воена офанзива во Украина, граѓаните во паника ја напуштаат земјата

  • Јас сум сам на работа. Каде ќе бегам? Каде да одам, кажи ми те молам? Боже мој.
  • Воена состојба? Ќе има паника. Каде би ги криел децата? Нема засолништа, нема ништо. Отворен простор е, каде ќе одам?
  • Мораме да ги напуштиме нашите куќи. Што се случува?

Граѓаните во украинските градови Одеса, Киев, Харков и Мариупол утринава во шест часот ги разбудија сирените, откако руските воени трупи ја започнаа инвазијата. Долги колони возила чекаат во ред за гориво, луѓето се заглавени во сообраќај, граѓаните панично ја напуштаат Украина, телефонските врски колабираа, во супермаркетите е гужва, а луѓето прават залихи од храна и продукти и вадат пари од банкоматите.

Експлозија се слушнаа во близина на аердоромот во Киев, каде е запрен цивилниот авиосообраќај. Службата за итни случаи јави дека Украински воен авион со 14 лица се урна јужно од Киев, се уште се утврдува колку луѓе загинале. Не е јасно дали авионот бил погоден од руски сили, кои рано утринава истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и истоварија војници на јужениот брег на Азовското море.

Пет минути пред првите гранатирања рускиот претседател Владимир Путин се обрати на руската државна телевизија. Тој ги предупреди западните земји дека секој обид за мешање ќе доведе до „последици што никогаш не сте ги виделе“. Светските лидери го осудуваа почетокот на воената операција што може да предизвика огромни човечки жртви и да ја собори демократски избраната влада на Украина, како и да ја загрози рамнотежата по Студената војна на континентот.

Путин ги повикува украинските војници во источна Украина да го остават оружјето и да се вратат во своите домови.

Во операцијата, според првичните информации, учествуваат најмалку 150.000 војници на руската армија. Русија вели дека не цели кон цивили, туку само кон воени објекти во Украина. Но од украинска страна веќе се избоени 50 жртви, 40 украински војнци и најмалку 10 цивили. Војната од терен се пренесува и во медиумите и социјалните мрежи каде се злоупотребуваат и стари снимки и фотографии од претходни конфликти. Првиот канал на руската телевизија јави дека воената операција е за заштита на граѓаните од режимот во Киев. Дел од жителите на Москва ја одобруваат воената акција дел се загрижени.

  • Русија денеска започна специјална воена операција со цел да ги заштити луѓето кои страдаат од малтретирање и геноцид од страна на режимот во Киев во последните осум години, објави Ирина Росиус, водителка на ТВ Русија 1.
  • Многу сум загрижен за луѓето, многу сум загрижен до солзи. Ние сме Словени, пораснав во Белорусија, Украина и Русија се во близина. Мислам дека сме обединети. Од утрово гледам телевизија. секоја минута, да видиме дали нешто се менува. За жал, досега ништо- Зоја Воробеј, жителка на Москва.

На снимка на украинската гранична служба се гледаат руски воени возила како пристигнуваат од Крим. Руското Министерство за одбрана соопшти дека е употребено „паметно оружје“, односно оружје со прецизен ефект за неутрализирање на украинската воена инфраструктура, вклучително и воздушни бази и воздушна одбрана но, погодени се и станбени згради има и повредени.

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека светот ќе бара одговорност од Русија, предвидувајќи бројни човечки загуби. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој прогласи воена состојба изјави дека инвазијата „може да биде почеток на голема војна на европскиот континент“. Тој го спореди Путин со Хитлер и почетокот на инвазијата со почетокот на Втората Светска војна..

Претходно, Русија побара запирање на проширувањето на НАТО кон исток, а Путин го повтори својот став дека членството на Украина во Атлантската воена алијанса предводена од САД е неприфатливо. Тој рече дека ја одобрил воената акција затоа што Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите кои доаѓаат од модерна Украина, демократска држава со 44 милиони жители.

Локалните медиуми цитираат украински официјални лица дека војници во Белорусија се приклучуваат на рускиот напад, што значи дека офанзивата сега доаѓа и од северот на Украина.  Нападот од север ги дополнува руските напади на истокот на Украина и движењето на руските трупи кон Одеса на југ.

Истовремено, проруските сепаратисти објавија дека почнале офанзива против градот Шчастија во провинцијата Лугањск, што е под контрола на Украина. Во провинцијата Доњецк почнале голема воена операција долж линијата на одвојување, јавија руските медиуми.

Кремљ најави дека воената операција ќе трае толку колку што треба.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Турција се апсат градоначалници од опозицијата која пак обвинува за политички прогон

Дејан Дејан

На 95-годишна возраст почина писателот Цане Андреевски

Дејан Дејан

Три тони кокаин на албанската мафија завршија во рацете на властите во Еквадор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе