Безбедносната состојбата во Македонија е стабилна и институциите преземаат мерки и активности со кои ја гарантираат таа безбедност, а со членството во НАТО сме дел и од колективната безбедност на алијансата, посочи министерката за одбрана Славјанка Петровска во гостувањето на Топ Тема на Телма.
Членувањето во НАТО има свои придобивки, едната е гарантирање на колективната безбедност. Се разбира дека имаме и обврски како членка на НАТО, но до овој момент не ни се наметнати никакви посебни обврски, но сме дел од носењето на одлуките во Алијансата, бидејќи сме една од 30 членки кои рамноправно учествуваат во носењето на одлуките и креирањето на политиките. Во таа насока е и утрешното учество на претседателот на државата на самитот на НАТО, на кој ќе учествуваат сите шефови на државите членки на НАТО, и на кој ќе се донесе одлука за понатамошното дејствување на НАТО алијансата, изјави министерката Петровска.
Вели дека нема потреба од кревање на борбената готовност на армијата, затоа што таа е секогаш подготвена да одговори на предизвиците.
Нема потреба да се крева борбената готовност на армијата, но она што треба да го знаат сите, а особено скептиците е дека македонската армија е секогаш подготвена. Тие имаат задачи и обврски кои спаѓаат во секојдневното нивно работење и ги исполнуваат навремено. Станува збор за професионалци, посветени, пред сè на обврската и посветени на својата мисија и својата задача. Денес со амбасадорката на САД бевме присутни на завршувањето на неколку неделната обука на дел од припадниците, кои се редовни активности, редовни тренизни, редовни обуки. Имав прилика како нова министерка да се уверам во нивната подготвеност да одговорат ан сите задачи. Повторно ќе повторам, жалам што ќе ги разочарам скептиците, Македонската армија е подготвена да одговори на предизвиците. Изминатиов период е инвестирано многу и во човечки ресурси, во подобрување на условите за работа, но и во опремување и модернизација на армијата. Чекор по чекор нашата армија станува една од подобро опремените армии и унапредена во тој дел во НАТО, рече министерката.
Македонија има подготвено планови и доколку биде потребно би ги понудила своите капацитети за прифаќање украински бегалци.