Последниот извештај за влијанието на климатските промени веројатно ќе биде нај загрижувачката процена до сега за тоа како зголемувањето на температурата влијае врз секое живо суштество. Ова ќе биде вториот од трите сеопфатни извештаи на Меѓувладиниот панел за климатски промени, откако првиот го објавија за време на климатскиот самит во ноември минатата година.
Научниците ќе ги објават своите заклучоци на 28 февруари, а студијата главно ќе се фокусира на регионалните влијанија, на градовите и на крајбрежните заедници.
Меѓувладиниот панел за климатски промени овие проценки на последните истражувања ги прави за владите на секои шест до седум години.
Но додека научниците и официјалните претставници виртуелно ќе се сретнат за да ги договорат деталите, се појави судир над една од клучните фрази во текстот. Со години, земјите во развој, се обидуваат да го натераат побогатиот свет да одговори, на тоа што во преговорите кои се водат во ООН се нарекува „прашањето на загуба и штета.“ Оваа фраза ја дефинираат како „влијанието на климатските промени на кое земјите не можат да се адаптираат, вклучувајќи екстремни временски услови, како големи бури, или продолжени настани како раст на нивоата на морињата и опустинување.“
Побогатите земји долго време се противат на овој концепт, стравувајќи дека со векови ќе бидат правно и финансиски одговорни за нарушувањата предизвикани од историските емисии на јаглерод диоксид. Како резултат на тоа, ова прашање предизвика длабоки политички поделби во разговорите за климатските промени.
Во последниот извештај, научниците употребуваат благо променета верзија на фразата, зборувајќи за „загуби и штети“, која според нив, има помало политичко значење.
Сепак повеќе претставници од богатите земји, кои ќе присуствуваат на виртуелниот состанок, се противат, стравувајќи дека ако воопшто идејата се појави во ваков клучен извештај, ќе им даде поддршка на оние држави кои сакаат „загубите и штетите“ да бидат врвен приоритет во меѓународните преговори.
Во крајна линија, овој извештај ќе ја нагласи итноста, дека ако бидат преземени брзи чекори за намалување на стакленичките гасови и зголемување на средствата наменети за адаптација на климатските промени, најлошите ризици ќе бидат избегнати.