Денеска на пладне пред пратениците на собраниската Комисија за труд и социјална политика ќе се најде Предлог-законот за измени и дополнувања на минималната плата.
„Со членот 4 се утврдува висината на минимална плата во бруто износ за март 2022 година заклучно со исплатата на платата за месец февруари 2023 година да изнесува 26.422 денари и овој износ ќе биде основа за усогласување на минималната плата во месец март 2023 година“.
Во нето-износ минималната плата ќе биде 18.000 денари и таа ќе важи една година.
Од предлог-законското решение се гледа дека за спроведување на овој закон до крајот на годината ќе бидат потребни 939.645.000 денари (15.230.000 евра) од Буџетот на државата. Притоа е објаснето дека за секој работник за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, државата ќе дава по 1.197,00 денари.
„Со член 4-д е предвидено за работникот за кој ќе се обезбеди финансиска помош, работодавачот истиот да не може да го отпушти најмалку 1 година по добивање на помошта, а ако го отпушти има обврска да ги врати средствата, освен во случај на смрт на работникот, остварување на право на пензија и престанок на работниот однос по вина или воља на работникот“, пишува во законското образложение.
Во законот е предвидена и нова методологија за усогласување на плати, според која усогласувањето ќе биде 50 отсто од минималната плата и ќе се индексира со порастот на просечно исплатената нето плата за претходната година и 50 проценти со порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Исто така е утврдено дека минималната плата не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.