Уставниот суд на денешната седница ќе ја разгледува иницијативата поднесена од Николче Мушаревски од Скопје, а се однесува на ковид сертификатите кои се користат за влегување во затворени објекти.
„Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука, со која е определено дека се забранува влез во објекти и делови од објекти наведени во одлуката, без поседување и приложување на: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза од вакцина против заразната болест COVID-19 и сертификат/потврда за прележан COVID-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, била спротивна на член 8 став 1 алинеја 1,член 9 став 1, член 16 став 1, член 27 став 1 и член 54 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 и 33 од Законот за заштита на населението од заразни болести“, соопштија од прес-службата на Уставниот суд.
Според подносителот, бидејќи вакцината против COVID-19 не била задолжителна, не можело да се ограничуваат слободите и правата на невакцинираните граѓани односно се давало можност на граѓаните самите по сопствено уверување и убедување да одлучат дали ќе се вакцинираат или нема да се вакцинираат. Кога од една страна на граѓаните им се давало право на избор, не можело од друга страна за тој избор да сносат последици во смисла на ограничување на нивните права, ограничување на слободата на движење итн., за што според подносителот на иницијативата, во правниот промет не требало и не можело да опстане правен акт со кој се ограничуваат основните слободи и права на граѓаните, а притоа тој акт не само што немал правен основ ниту во Уставот ниту во закон, туку бил спротивен на нив.
Покрај оваа иницијатива, Уставниот суд на денешната седница ќе ја разгледува иницијативата поднесена од еколошката групација „Грин Пауер” од Велес, Движење за социјална правда „Ленка” од Скопје и политичка партија „Левица” од Скопје, како и иницијативи кои се од делот на Законот за данок на личен доход и за исплата на регрес на комунално претпријатие во Делчево.