На фотографијата горе се гледа блесок од далековод во индустриската зона Бунарџик на којшто изгореа жиците околу 17:05 часот. На видеото се гледа како изгоре далеководот.
Пожар имаше и под далеководите кои од трафостаницата кај скопска Пинтија водат кон главниот град, кон Бунарџик, но и кон источна Македонија.
Големо пространство под далеководите и под жиците кои пренесуваат електрична енергија беше под оган.
Во интервенција на пожарникари и полицајци, огнот беше локализиран.
Не е оштетена трафостаницата кај Пинтија.
Огнот се ширеше од другата страна на улицата Борис Трајковски, односно спроти трафостаницата кај Пинтија, која има голема улога за пренесување на струја кон главниот град.
Околу 17:20 речиси цело Скопје остана без струја. Најпрвин сијалиците и електричните апарати трепереа неколку секунди по што се изгаснаа истовремено.
Струја немаше во Центар, Карпош, Аеродром, а имаше и извештаи и дека нема струја и во Штип.
Без струја останаа и капацитетите во Бунарџик, а со струја добиена од фабрички генератори, работниците беа извлечени од објектите каде работат.
Двапати накратко напонот се враќаше и системот беше подигнат, но повторно снемуваше струја.
На фотографијата е булеварот Јане Сандански во Аеродром ка Три бисери, освен фаровите во автомобилите, немаше струја никаде, па ниту на семафорите.
Поради немање електрична енергија прекина и парното греење во Скопје, затоа што тоа се контролира со струја.
После 50-тина минути, во делови од Скопје почна да се враќа напојувањето со електрична енергија.
Во моментот состојбата е нормализирана.