Хартиени фенери на небото и положено свежо цвеќе во спомен на 16-те жртви на автобуската несреќа кај селото Ласкарци, која се случи на денешен ден пред три години.
Комеморативен собир за своите сограѓани на местото на несреќата, организираше гостиварската локална самоуправа. Градоначалникот, Арбен Таравари, истакна дека 13-ти февруари останува ден на жалост во Гостивар и порача оваа трагедија никогаш да не се повтори.
И ние како Општина, но и сите граѓани на Гостивар посакуваме никогаш да не се повторуваат вакви трагични настани. Тука заедно со мене се некои од тие што патуваа, што останаа живи и родители на одредени луѓе што загинаа. Јас уште еднаш би сакал да се заблагодарам на граѓаните на село Ласкарци, кои што интервенираа тој ден и помогнаа некој од луѓето и да се спасат тоа попладне на 13. февруари 2019, порача таравари.
И по три години од сообраќајката, нема одговорност. За случајот се води судски процес во кој треба да се утврдат причините и вината за несреќата, но се чека супервештачење, неопходно за донесување пресуда. Сопственикот на компанијата, возачот на автобусот и четворица вработени се обвинети за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
На 13. февруари 2019 година, автобусот на „Дурмо турс“, кој сообраќал на релација Скопје – Гостивар, околу 17 часот излетал од коловозот, ги пробил банкините и паднал на споредниот пат.
Данијела Билбилоска