Рокот од 15 дена помина, а измените на Изборниот законик не влегоа на комисиска расправа. Нема консензус за една изборна единица. И покрај декларативната заложба на најголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кај партиите од албанскиот блок нема согласност за измени во бројот на изборните единици. ДУИ и БЕСА бараат три, а Алијанса за Албанците дури 8 изборни единици кои ќе се поделат според економските зони.
Малите партии од понеделник ќе седнат на заедничка маса и ќе ја договараат натамошната стратегија. ВМРО-ДПМНЕ ги повика да останат доследни на претходно кажаното дека доколку не се усвојат новите изборни правила, тие повеќе нема да даваат поддршка на владејачкото мнозинство.
СДСМ смета дека сите измени на Изборниот законик треба да се донесат со консензус низ отворен и инклузивен процес со сите политчки партии.
ВМРО ДПМНЕ ги лаже помалите политички партии, ги лаже и граѓаните. Токму оваа партија со илјадници амандмани блокираше воведување на една изборна единица и не дозволи предлогот воопшто да биде предмет на расправа во Собранието, велат од владејачката партија.
Минатата недела пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ оствари серија состаноци со малите политички партии, но не се сретнаа со СДСМ и ДУИ. И покрај некои различни ставови, сепак побараа да се отвори дебата за Изборниот законик во Комисијата за политички систем и да се одржи јавна расправа.
Премиерот Ковачевски на неколку наврати рече дека за ова прашање треба да одлучуваат работни групи, но тие до сега сѐ уште не се формирани. Со измените на Изборниот законик се предлага Македонија да биде една изборна единица, без изборен праг со рамноправна застапенсот на жените на Изборните листи.
Јулијана Пешевска