Последната случка, кога девојче било удрено од автомобил на улицата пред влезот на ОУ Гоце Делчев во Тетово, ги алармираше родителите да побараат решенија од училишната управа и од надлежните институции за поголема безбедност на нивните деца. Тие реагираат дека тротоарите се узурпирани и има голема раздвиженост од автомобили, особено во времето кога учениците одат или се враќаат од часовите. Дополнително потенцијална опасност претставуваат и уличните кучиња.
Бараат регулирање на сообраќајот и зголемено присуство на полициски службеници, како и дислокација на контејнерите. Во спротивно најавуваат бојкот на наставата или блокади.
Од Општина Тетово велат дека ќе ги разгледаат барањата и доколку се покаже дека е потребно и оправдано, ќе се воведе еднонасочно движење на возилата на улицата “Иво Лола Рибар”, по претходна согласност од СВР Тетово. Од полицијата, пак, најавија дека наредните денови дополнително ќе се засили полицискиото присуство. Според нив круцијален проблем е неадекватната инфраструктура во тој дел од Тетово, која не одговара за постоечката и идна поголема фрекфренција на возила и луѓе.
Данијела Билбилоска