Се уште нема кривични пријави за синоќешната акција во Струмица, во која се заплени марихуана вредна 3 милиони евра. Основното јавно обвинителство Струмица ќе истражува дали има поврзаност помеѓу двете акции во Струмица и Ресен.
Марихуана вредна три милиони евра заплени полицијата синоќа во Струмица во фирма што се занимава со прозиводство на канабис за медицински цели. Станува збор за еден ипол тон непријавена мархуана. Не е познато за која фирма се работи. Во струмичко има повеќе компании што се занимаваат со прозиводство на канабис, а полицијата не сакаше да каже во која од нив се откриени неправилностите.
Струмичани се вмешани и во втора акција со марихуана којашто синоќа се случуваше на територија на ОВР Ресен. Двајца струмичани превезувале марихуана спакувана во три торби, чија вредност се проценува на 200 илјади евра.
Основното јавно обвинителство синоќа било на терен заедно со полицијата. Детали за истрагата не откриваат, а повеќе информации најавија дури следната недела. До овој момент до основното јавно обвинителство нема кривични пријави за синоќешната полициска акција.
Истрагата ќе треба да покаже дали има поврзаност помеѓу двата случаи во Струмица и Ресен.
Сузана Мицева