Владата го прифати предлогот на ССМ за минималната плата да биде 18.000 денари. Минималецот ќе се исплаќа од месец април, но ќе важи за платата во март. Владата ќе помага за придонесите на 80.000 сограѓани кои ќе земаат минимална плата.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски изјави дека по макотрпна работа, конечно е извојувана победа и успеале да издејствуваат нивните аргументи економско-социјалните партнери да ги профатат за да се обезбеди минималната плата од 18.000 ден.
Премиерот Димитар Ковачевски објави дека е постигнат договор со Сојузот на синдикати и со работодавачите за минимална плата од најмалку 18.000 денари.
Како што објави Ковачевски на својот фејсбук профил, 80.000 сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари.
– Среќен сум и задоволен што можам да соопштам дека постигнавме договор и со Сојузот на синдикати и со работодавачите. 80.000 наши сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари, напиша премиерот Ковачевски.
Оваа сума, како што рече, означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно.
– Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните, напиша на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.