Гоце Делчев е македонски револуционер со европски погледи во времето на отоманската окупација и нејасно е како земја членка на ЕУ не ја прифаќа неговата универзална порака и улога, оцени поранешниот македонски амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев.
Светлоста на пораката на револуционерот во предминатиот век не ја разбрале во Бугарија, рече Ѓорчев.
На партиската дебата на ВМРО-ДПМНЕ, „Гоце е Македонија“, Ѓорчев оцени дека главен проблем во односите и преговорите со Бугарија е како што рече асиметричниот пристап во Договорот за добрососедство меѓу двете држави.
За прославата на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев пред три дена во Скопје имаше и бугарска делегација предводена од министерката за надворешни работи. Нејзиниот македонски колега Османи вчера изјави дека не станува збор за заедничка прослава и дека за Делчев главен збор ќе има мешовитата историска комисија и наративот за револуционерот кој ќе го усвојат заеднички историчарите во македонско-бугарската комисија.
Миомир Серафиновиќ