Веста за дискриминација на Амбла Адеми од Гостивар, девојче со Даунов синдром, наиде на остра осуда од јавноста. Реакцијата на нејзиниот татко Илир дека таа менувала одделенија или учела сама во посебна училница во ОУ „Единство “, поради петиција на родителите на другите ученици, ги алармираше и инстутициите. Па така денес беше инициран состанок во Општината за да се изнајде решение, но на него немаше претставник од родителите, кои се жалеле дека девојчето наводно е агресивно и пречело во наставата.
Амбла од денес повторно ќе биде заедно со нејзините соученици, но Илир порачува дека процесот на инклузијата треба да се примени и во практика.
Градоначалникот Арбен Таравари вели дека мора да се сензибилизира општеството за овие деца не се чуствуваат различни.
Веста дека Амбла се враќа меѓу соучениците ја објави на социјалните мрежи и минситерот за образование Јетон Шаќири. Тој напиша дека посакува ваквите ситуации да не се повторуваат и дека мора да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост и дека тие заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други.
Според Хелсиншкиот комитет проблемот е во возрасните полни со предрасуди, а не во малата Амбла. Од таму во писмено соопштение информираа дека подготвуваат претставки и дописи до повеќе институции со кои се бара разрешување на директорот на училиштето, ресорното Министерство и Државниот просветен инспекторат да извршат надзор, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, повратно да информира за сите нови сознанија.
Случајот ќе го испитува и Народниот правобранител, според кого недозволиво е овие ученици да бидат жртва на непоготвеноста на поединци да ги прифатат различностите и на истите да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и со закон им е гарантиран на сите подеднакво, Народниот правобранител ги охрабрува родителите да не молчат за вакви случаи.
Данијела Билбилоска