- Противпожарните возила во Куманово стари по 40 години.
- Противпожарната станица тесна и стара 6 децении.
Просечна старост на возилата кои ги користи кумановската противпожарна служба за гаснење на пожари се 35 години, најстарото возило за среќа функционално е од 1978 година, а најновото од 2009 година, сега на минусни температури, поради недостиг на гаражен простор, противпожарните возила се паркирани пред зградата на пожарната во Куманово.
Во стара и руинирана зграда изградена во 60-тите години е сместена кумановската територијална противпожарна служба.
-Проблемот е што кога зградата била изградена тогаш работеле 25 пожарникари, сега, кога градот се шири и имаме двојно повеќе вработени, нема место каде да се сместат пожарникарите- вели Дејан Илиевски, командир на кумановската противпожарна служба.
Мензата за пожарникарите е во ходникот меѓу шкафовите за опремата и за цивилната облека и таму им седи храната за време на долгите смени. Станицата се користи и како избирачко место на сите избори во Куманово. Долги ходници и врати типични за втората половина на 1960-тите години се секојдневната сценографија на работното место на кумановските пожарникари.
Територијалната противпожарна служба во Куманово покрива две општини, Куманово и Липково со околу 140 000 жители и го немаат исполнето законскиот минимум од еден пожарникар на 1 500 жители, моментално имаат вработено 48 пожарникари, информира Илиевски.
-Од почетокот на годината бележиме 21 интервенција, минатата година имавме вкупно 521 од кои 286 интервенции беа на отворен простор. Ни треба модернизација на возилата, а потребна е и нова зграда- вели Илиевски и се надева дека владата ќе им помогне да ја модернизираат противпожарната служба во државата.
Пожарите со кои се боревме во летото на виделина ги изнесоа сите аномалии во пожарната служба низ целата држава, ние се приспособуваме на дадените услови, а ќе продолжиме и понатаму да ја работиме нашата работа максимално професионално, вели првиот човек на кумановската противпожарна служба Дејан Илиевски.
Сузана Андоновиќ