„Стоп – полиција“ знакот и денеска се креваше на различни локации низ градот и среде бел ден. Полицајците продолжија онаму каде што застанаа синоќа. Засилените акциски контроли од доцна вечерта за само шест часа донесоа и над четиристотини казни, за различни прекршоци. Најактивни биле радарите за мерење на брзината, но и алкотестовите – и низ градовите, но и на автопатиштата.
„Тоа што е резултат од вчерашните контроли е 129 пијани возачи коишто се регистрирани на територијата на целата држава, во периодот од 22 часот до 4 часот до кога се одвиваше оваа засилена акциска контрола. Имаме санкционирано и 247 возачи коишто во текот на вчерашниот ден возеле пребрзо односно возеле побрзо од дозволеното. Најголем дел од прекршоците во однос на алкохолот се на територија на Скопје, а во однос на брзината се на автопатот Скопје-Велес и исто така Скопје-Куманово.“
Таквиот тип на прекршоци како што е возење под дејство на алкохол, пребрзо возење или без возачка дозвола се и најкрупните коишто се регистрирани во периодот додека траела акцијата на полицијата. Во меѓувреме, проверките коишто се направени се бројат во илјадници, а во бројот на казнетите влегуваат и помладите возачи, но и оние коишто не обрнале внимание на други детали.
„Санкционирани се и возачи заради управување на технички неисправно возило, заради чепкање на мобилен телефон додека возеле, а казни има и за возачи-почетници. Од МВР најавуваат засилени акциски контроли и во следниот период.“
Ваквите засилени контроли придонесуваат за побрзо да се стигне бројката од минатата година кога се изречени над 240 илјади санкции заради непочитување на сообраќајните правила и прописи. Лани, 111 луѓе го загубиле животот на сообраќајниците.
Петар Догов