За инвеститорите нема ништо свето, па ни дека сме пред пречек на Новата година. Утрово во 8 часот продолжи сечата на шума на Водно, каде инвеститорот Маркеза планира да гради објект, за кој гневните жители на улицата „ Питу Гули“, велат дека ќе биде со 2 ката под и 4 над земја и со 20 паркиралишта. Кога стигна нашата екипа, можеше само да посведочи за многуте исечени дрвја во и околи оградената парцелата. Жителите велат дека лицата кои ја вршеле сечата не сакале да покажат дозвола за тоа.
Дојдоа некои 7- 8 луѓе. И јас им побарав дозвола за што и да прават бидејќи официјално тие се уште немаат пристап до плацот. Не сакаа да ми одговорат и на крај кога кажавме дека ќе викнеме инспектори, тие видоа дека се собравме повеќе луѓе , па избегаа низ шумата по споредни патеќи. Веројатно имаа што да сокријат, вели Леана Таки, жителка на Водно.
За да се гради на овој непристапен терен, треба да се пробие улица од веќе постоечката слепа, која што ќе минува буквално во дворовите на семејството Таки и на нивните соседи. Ќе продолжи на плацот на Маркеза и нагоре, каде се „ Плацевите на Водно“, за кои се води судска постапка против Груевски, Мијалков и Камчев. Одобрението за градба на спорниот објект е издадено од претходниот градоначалник на Општина Центар , Саша Богдановиќ. А градбата е во рамките на ДУП-от Ј07, донесен 2014 година, со ист број гласови за и против, додека претседавачот Шиповиќ беше под истрага. Но, планот сепак беше потврден од Уставниот суд.
Вчера на Совет на Општина Центар едногласно беше усвоена иницијативата на „ Шанса за Центар“, градоначалникот Герасимовски во име на жителите да побара вонреден инспекциски надзор на ДУП-от, што ќе го спроведе Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Две локации на кои се бара вонреден надзор се за новопроектирани улици кои ќе овозможат пристап до парцели за градење, кои сериозно ќе навлезат во шумата на Водно, а сите ние ќе изгубиме зеленило кое не штити од поплави, ерозии и загадување.На други места се направени плански решенија , но врз основа на погрешни влезни податоци, велат од Шанса за Центар.
Заклучоците од инспекцискиот надзор за спорните елементи за градење според ДУП-от, кој не е усогласен со ГУП-от, се очекуваат на средината на јануари. Од проверката може да произлезе времена мерка за запирање на урбанизацијата на Водно и спас на зеленилото.
Од Шанса за Центар велат и дека е повикан Државниот инспекторат за животна средина, да направи увид во тоа што се сечело и дали за тоа има дозвола, но од Инспекторатот за Телма рекоа дека тие се надлежни само за биодиверзитетот на Водно.И од Град Скопје демантираа дека издале дозвола за сеча на Водно.
Иницијативата од жителите за градбите на Водно, но и Капиштец е испратена и до Уставниот суд, кој треба да се произнесе за законитоста на ДУП-от.
Сотир Трајков