Гранчиња, новогодишни светилки и цел препознатлив декор – минималистички ама креативно на скопските улици.
Додека јавноста дискутира градот колку е или не е украсен, група културни работници решија да придонесат со свој труд, за новогодишна магија на скопските улици.
И не само што патролираат низ населбите и маалата и сето тоа изгледа интересно за фотографирање, луѓе ги застануваат и поздравуваат, туку нивната мисија е подлабока.
Делат пакетчиња на децата од социјално загрозените семејства, а даваат и литература.
Кога решивме веќе да го правиме тоа сметавме дека би било глупаво само да одиме низ град и да претставуваме некаква подвижна елка и украс па решивме на социјално загрозените деца на улица коишто ги гледаме секој ден, проаѓаме покрај нив и на семафори и по паркови и секаде, да се организираме и да им дадеме новогодишни пакетчиња затоа што од друга страна не знам од каде би добиле и би ја почувствувале таа новогодишна и празнична еуфорија и магија. А, на сите други деца коишто ќе добијат пакетчиња и коишто дома под елка имаат и скапи подароци и сè, нив им делиме по еден мал примерок од сказната „Девојчето со ќибртичињата, вели Никола Писарев од Центарот за современи уметности.
Веќе трет ден се на улиците, а разбудија активизам и во скопјани. Тие брзо им се приклучуваат во мисијата којашто ја имаат за ширење на новогодишниот дух, даваат свој придонес и со тоа потврдуваат дека луѓето од Центарот за современи уметности избрале правилен начин за да ги разубават најубавите денови во годината.
Луѓето супер реагираат затоа што не знам колку луѓе нè сликаа, колку луѓе нè запреа. На многу луѓе на коишто им кажавме што правиме нѝ донесоа пакетчиња да ги споделиме со децата на улица, некои нè молат да застанеме да ги сликаат децата со колата, нѝ носеа сокови. Граѓаните баш супер го прифатија ова и го чувствуваат како свое, вели писарев.
Покрај честитката за новогодишните и божикните празници, од Центарот за современи уметности испратија и порака до надлежните, секоја наредна година да се потрудат се повеќе за деталите и креативното уредување на просторот затоа што на Скопје и другите градови не им доликува да бидат неукрасени или неумесно украсени.
Петар Догов