Вести Економија Македонија

Ангеловска-Бежоска: Девизниот курс на денарот е стабилен

Девизниот курс со години наназад е стабилен и ќе биде стабилен и во иднина. Гаранција за тоа е високото ниво на девизни резерви, но и многу други инструменти со коишто располага централната банка за коишто нема да се двоуми да ги употреби во одбрана на курсот, изјави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во телевизиско интерјву. Таа посочува дека стабилниот курс на денарот е најоптималната стратегија соодветна за нашата економија.

-Ова не е став само на Народната банка. Ова е став и на меѓународните финансиски институции. Неодамна, Меѓународниот монетарен фонд јасно го даде својот став, во којшто посочи дека курсот на денарот е стабилен, дека стабилноста на курсот е клучното сидро на вкупната макроекономска стабилност, како и дека централната банка има соодветно ниво на девизни резерви за одбрана на стабилноста на курсот, истакна гувернерката.

Како што соопшти Кабинетот на гувернерката, Ангеловска-Бежоска посочи дека стабилноста на курсот е клучната компонента кај вкупната макроекономска стабилност кај нас и е јавно добро од коешто секој граѓанин ги користи полезностите. Таа истакна дека еден од предизвиците со коишто се соочи централната банка се шпекулациите, што за жал се јавуваа во повеќе наврати. Нагласи и дека секој граѓанин има општествена одговорност кон јавните добра, а ширењето шпекулации не е во ничиј интерес, напротив, тоа е на штета на граѓаните.

Ангеловска-Бежоска посочува дека главниот инструмент со кој се брани стабилноста на курсот ‒ девизните резерви, се одржуваат на историски највисоко ниво.

-Според последните расположливи податоци, девизните резерви изнесуваат 3,5 милијарди евра, или околу 30 проценти од БДП. Само за илустрација, во периодот 2008 ‒ 2009 година, односно во глобалната финансиска криза, со која исто така успешно се справивме и кога ја задржавме стабилноста на денарот, нивото на девизните резерви беше 1,4 милијарди евра, додека нивното релативно учество во бруто домашниот производ изнесуваше околу 22 отсто. Сите показатели според кои се оценува соодветноста на нивото на девизните резерви упатуваат на сосем соодветно ниво, истакнува Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката додава дека во 2020 година, кога започнала пандемијата, Народната банка успеала да покрене регионална иницијатива на ниво на целиот Западен Балкан, првпат во историјата, за да обезбеди пристап до девизна ликвидност од страна на Европската централна банка. Тоа значи дека ако ни е потреба дополнителна девизна ликвидност, можеме да се обратиме до Европската централна банка и да добиеме поддршка. Сепак, за тоа нема потреба, истакнува гувернерката, затоа што го поседуваме потребното ниво на девизни резерви.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Бројот на жртви во Тексас расте, меѓу нив и девет деца

Дејан Дејан

Во Турција се апсат градоначалници од опозицијата која пак обвинува за политички прогон

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе