Ја затвори вратата на Владата и со писмо испратено по курир го информира собранискиот спикер Талат Џафери дека оставката ја дава преземајќи одговорност за изборните резултати.
Заев вели дека со ова сака да остави пример за идните генерации а времето ќе покаже дали оваа одлука била во согласност со неговата определба да биде политичар кој презел одговорност во носењето на тешки но историски важни одлуки.
“Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата” – напиша Заев во оставката.
Оставката ќе се констатира утре во Собранието. Опозицијата реагираше што таа се поднесува непосредно пред седницата за пратенички прашања со што на пратениците ќе им биде оневозможено правото на дискусии.
Со оставката на Заев во оставка е целата Влада.
Според Уставот и Собранискиот Деловник, Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот, на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, во конкретниот случај најверојатно тоа ќе биде лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Мандатарот е должен во рок од 20 дена да му поднесе на Собранието програма и да го предложи составот на Владата.Седницата за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата.
Очекувањата се дека Собранието ќе расправа за новиот владин кабинет во средината на јануари.
Јулијана Пешевска