Без нови ковид рестрикции за Новата година. Комисијата за заразни болести која последниот состанок го имала пред една недела засега не планира нови мерки, оценувајќи ја состајбата со коронавирусот како стабилна. За министерот за здравство, Венко Филипче, новогодишните празници нема да донесат повеќе групирање на луѓето, а со тоа ризик од зголемување на бројките, одколку што го има сега.
„Мерките засега се добри. И сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници сметам дека се доволни, затоа што такви собири на јавни места има и сега. Практично ќе се достигне кулминација за време на новогодишните празници, после сето ќе спласне, а сега е многу мирна состојбата. Не гледам зошто специфично и само за новогодишните празници би правеле некаква рестрикција кога собири, сега пред Нова година, традиционално има секаде“, вели Филипче.
Но иако ситуацијата засега е мирна поради што од идната недела целосно ќе нормализира работата на интерните клиники, Филипче сепак со резерва како ќе се развиваат работите, особено за влез на омикрон сојот во земјава. Во моментов се прибира материјал за ново секвенционирање на соевите кои циркулира, откако последното, пред еден месец, кој покажа отсуство на „делта плус“ сојот.
„Направено е еднаш и се собира еден голем примерок сега, во овој момент. Веројатно тоа ќе се пушти во текот на следната недела“, информираше Филипче.
Филипче кој ги одбројува последните денови како министер за здравство, денеска направи обиколка на реновираната Клиниката за ортопедски болести, како дел од реновирањето на скопските клиники, особено откако проектот за изградба на нов Клинички центар останува блокиран во Собранието. Филипче денеска призна дека токму тоа му е она за што најмногу жали што не успеа да го реализира во својот мандат.
И ако новиот Клинички центар ќе чека и нов министер за реализација, Филипче денеска пак не можеше да издвои само еден реализиран проект со кој најмногу се гордее што го остава зад себе, па во прв план ја стави тимската работа со колегите за нивна реализација.
Тамара Грнчароска