Македонската фудбалска репрезентација ги доби своите ривали за новото издание на Лигата на нации. Ждрепката во Нион беше доста поволна за момците на Благоја Милевски, бидејќи ги избегнавме можеби најсилните репрезентации во оваа конкуренција Турција и Словачка, а ја добивме Бугарија.
Нашиот источен сосед би требало да биде и нашиот најголем ривал за првото место во групата 4, што носи промоција во поквалитетната Лига Б во следното издание во 2023 година. Еден од нашите противници во групата е и Грузија со која игравме во минатото издание на натпреварувањето, како и во финалето од баражот за Европското првенство, кога славевме во Тбилиси со 1-0. Последниот противник е репрезентацијата на Гибралтар.
Натпреварите почнуваат во јуни 2022 година, кога ќе се играат четири кола, а последните две рунди ќе се одиграат во септември 2022 година. Завршниот турнир е закажан за јуни 2023 година.
УЕФА засега нема објавено дали победниците во групите ќе играат во баражот за пласман на следното Европско првенство во 2024, како што беше тоа случај во првото издание на ова натпреварување.