Владата е стабилна и има капацитет да ги решава проблемите со Бугарија. Предвремени парламентарни избори не ѝ се потребни на државата е заклучокот од днешната средба на Заев и Ахмети. Потврдено е дека е обезбедено стабилно парламентарно мнозинство кое ќе дејствува исклучиво во интерес на граѓаните и на државните интереси. На средбата Заев беше придружуван од новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, вицепремиерот Љупчо Николовски и Миле Зечевиќ, додека Ахмети дојде со вицепремиерот Груби.
Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евро-атлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Следните парламентарни избори очекувано е да бидат редовни и да се одржат во 2024 година, а до тогаш Владата ќе испорача економски резултати, брзи и квалитетни услуги кон граѓаните и успешно справување со пандемиската и со енергетската криза, соопштија од владата.
Ахмети се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На едночасовната средба која се одржа во Собранието се разговарало за спорот со Бугарија и предвремени парламентарни избори. Мицкоски му посочил на Ахмети дека треба да се прекине со понижувањето во преговорите со нашиот источен сосед и да се почитува Резолуцијата која е усвоена во Собранието. Се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ не е виновна за недобивањето датум за преговори, затоа, вели Мицкоски, единствен излез од политичката криза се предвремени парламентарни избори.
Претседателот на Алтернатива Африм Гаши смета дека е добро лидерите на сите политички партии да комуницираат и одржуваат средби.
Во текот на неделава Заев се сретна со помалите коалициски партии кои му испорачаа свои барања за новата владина програма. Промена на Изборниот законик, една изборна единица, регулирање на пазарот со криптовалути, Министерство за енергетика и клима, закон за урбанистичко планирање. Очекувањата се дека новиот владин кабинет ќе биде составен до средината на јануари.
Јулијана Пешевска