Комисијата за енергетика на бугарскиот парламент ќе предложи од утре, 16-ти декември до 31-в март наредната година, цената на струјата и парното да биде замрзната и да нема нејзино поскапување за граѓаните.
Претходно, пратениците го прифатија предлогот на ГЕРБ, според кој цените за потрошувачите од домаќинствата треба да останат на ниво од 1-ви јануари 2021-ва година.
Нацртот на новата одлука ќе биде доставен на гласање на утрешната пленарна седница на парламентот.
Претходно, во текот на денот на темата се огласи и вицепремиерката и министерка за економија Корнелија Нинова, која за бугарската национална телевизија изјави дека голем број европски земји воведуваат такво замрзнување на цените за да ги заштитат своите граѓани.
Ова е веќе европска практика, во Романија е воведен плафон на цени, во Унгарија, рече Нинова, најавувајќи дека грижата за луѓето е на прво место.
Во меѓувреме, во нашата држава се уште не е утврдена новата цена на струјата, која треба да стапи на сила по Нова година.
Регулаторната комисија за енергетија во текот на наредната недела ќе одлучува по барањата на енергетските компании.
Претседателот на РЕК, Марко Бислимовски, информираше дека пристигнало првото барање од компаниите за зголемување на струјата и ЕВН –Електродистрибуција побарале зголемување на цената од 100 отсто, поради големи загуби во мрежата и високите берзански цени на струјата.
– Тоа би значело 34 отсто зголемување на крајната сметка за струја. Се очекува да пристигне и барањето од МЕПСО, кои веќе најавија дека нивните пресметки покажуваат 60 отсто поголеми трошоци, што би значело дополнителни зголемување од 4 отсто на крајната сметка- изјави Бислимовски.