Одрон од голема карпа ја затвори пешачката патека покрај реката Брегалница. Околу 150 кубни метри камења се свлечени и за среќа карпата се урнала синоќа по 22 часот кога на патеката нема никој, но жителите од блиските куќи велат дека слушнале кога одронот се случил.
Причина за одронот се обилните врнежи од дожд и снег. 30 метарската карпа ќе остане овде се додека геолозите не дадат одобрение за нејзини тргање, а процесот го отежнува и легендарниот тунел, кој води кон тврдината Исар.
Обилните врнежи од дожд и снег на неколку места на истокот предизвикаа ерозија, но и поткопување на мостови. Штипјанецот Киро Маџунаров, кој речиси 30 години го мери нивото на Брегалница и врнежите од дожд вели дека генерално годинава е сушна, но од октомври досега наврнало повеќе дожд отколку во сите други месеци од годината заедно.
Истокот два дена живееше во страв од зголемениот водостојот на реката Брегалница, а врнежите предизвикаа и одрони на патот кон Делчево, по кој треба внимателно да се вози во текот на овој период од годината.
Викторија Димитрова Јованова