Македонија

Лопатите и багерите безмилосно удрија и на Водно исто како и на плацот спроти „Холидеј Ин“

Секој ден – нова лопата удира врз шумата на Водно. Се рамни теренот, се отвора просторот за сите оние кои имаат дозвола за градење на некои од најбараните земјишта во државата.

Голем број објекти веќе се изградени и надмено „го надгледуваат“ Скопје од повисоко.

Но, градежниците не запираат тука, а граѓаните веќе очајно трагаат по одговорите за квалитетот на нивниот живот во иднина.

Ќе се градат високи објекти, ќе се прави и пат над куќите на оние кои се во засега последната линија на ридот и кои граничат со шумата.

Овој простор каде што проблем е дури и едно дрво да се исече затоа што е во заштитено подрачје, ќе биде соголен од багерите.

„Не ми е јасно како ќе живееме. Дури и сега е проблем да излеземе на улица од сите овие нови згради што се изградени на Водно. Најпрво е таа грижа, каков ќе биде квалитетот на живот откако ќе се направи тука пат и откако ќе се направат сите тие згради најверојатно, според тоа какви дозволи се издаваат. Водно е полно со вода и на секој најмал дожд и на секој најмал дожд во нашите дворови се собира вода којашто можам само да замислам каква ќе биде понатаму откако ќе ја снема целата оваа шума“ изјави Леана Тачи, жителка на населба Водно.

За жителите на овој дел од градот не е новитет да гледаат заинтересирани инвеститори како разгледуваат можности за инвестирање пред своите дворови.

„Инвеститори си доаѓаат, ние сме навикнати. Веќе дваесетина години наназад само доаѓаат луѓе, гледаат и си одат. Но, веројатно претходната власт со сите нови закони донесени во урбанизмот им овозможи едноставно воопшто да не мораат да се спправуваат со нас, воопшто да не им треба нашето мислење и едноставно си го тераат своето. Гледаат само финансиска корист, но не гледаат какви ќе бидат последиците од нивните постапки“ изјави Леана Тачи.

Големи прашалници има околу Деталните урбанистички планови и начинот на кој се донесувани. Истото го потенцира и градоначалникот на Центар кој признава дека раскопувањето на Водно е голем пораз и за општината и за градот.

Без да навлегува во детали, тој само најави дека ќе се обиде да се справи со сето тоа.

 „Водно е белиот дроб и на Центар и на Скопје и за жал и таму е веќе урбанизирано. Ќе гледаме и таму да се најде начин за да се стопира градењето. Таму немаше ни мораториум“ на 13 декември изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

Водно не е единствената жешка и критична точка во градот за којашто и екологистите и активистите и архитектите се согласни дека е од врвен јавен интерес и за која секторите за Урбанизам во локалната самоуправа се претрупани со документи поднесени од инвеститорите – заедно со просторот кај „Холидеј Ин“ и „Треска“.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео)Нов протест за Фросина – нејзиното семејство незадоволно од пресудата

Дејан Дејан

Oбвинителството предлага Крешник Бектеши да оди во куќен притвор

Дејан Дејан

Судијка од Велес ќе дели правда во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе