Повеќе министерства, јавни обвинителства, но и Врховниот суд не соработуваат или соработката со Народниот правобранител оди на негово инсистирање, стои во анализата за работата на Омбудсманот во првите 8 месеци од оваа година. Во тој период пристигнале околу 1.800 преставки, а биле превземени дејствија по скоро 1.100. Народниот правобранител превзел околу 1.420 дејствија, а за 116 од нив не пристигнале никакви одговори.
Според професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ, во заштитата на човековите права, Народниот правобранител треба да се води според природните, а не само според правата утврдени со Уставот и законите. Тој на денешната онлајн конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, му забележа на Зибери за односот кон власта.
Вие спрема власта сте благонаклонети. А, не би требало, не би требало. Гледам дека сте задоволни од вашата работа. Пак, не би требало, рече професорот Шкариќ.
Зибери одговори дека се залагал за бескомпромисен однос кон институциите и органите, но дека капацитетите на институцијата Народен правобранител се недоволни.
Тој квалитет мора да се продлабочи. Нашата комуникација со органите на управата мора да биде потемелно заснована на законски прописи, за да не оставиме простор за маневар на институциите во давањето на нивните одговори, вели Зибери.
Според професорката од Правниот факултет Ана Павловска Данева, потребно е подигање на свеста кај администрацијата за улогата на Омбудсманот, кој треба да делува превентивно, а не репресивно кон институциите и органите.
Зибери ги кажа институциите кои воопшто не соработуваат со канцеларијата на Омбудсманот или соработката оди со негово инсистирање. Тоа се: Јавното обвинителство, Обвинителството за гонење организиран криминал, Врховниот суд, Заводот за статистика, Град Скопје, општините Берово, Кочани, Битола и Тетово, но и неколку јавни претпријатија и повеќе министерства.
Министерство за здравство, Министерство за транспорт и врски, Министерство за земјоделство, МТСП, МВР-поготово одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги, Управниот суд, Врховниот суд и Основниот граѓански суд – Скопје, наброи Зибери.
Народниот правобранител со Европскиот суд за човекови права најмногу соработувал за предмети поврзани со деградирање и тортура, рече судијата од Врховниот суд, Мирјана Лазарова Трајковска. Таа го посочи предметот за дете, испратен од невладиниот сектор, кое било третирано како ментално болно, сместено во несоодветна установа и врзувано за кревет повеќе од 1 година. За него Европскиот суд лани донел пресуда против државата.
Сотир Трајков