Северна Македонија и регионот се дел од Европа и иако сé уште не сме дел од ЕУ, борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба, истакна Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на средбата со министерката на Германија надлежна за Европа, Ана Лирман.
Германија е земја во којашто гледаме еден столб на Европа како сила што влече кон добро и исклучително важен партнер, и политички и економски, истакна Димитров. Тој рекол дека почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици од климатските промени до надминувањето на економскиот јаз.
Македонскиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан, истакнал Димитров пред Лирман.
Таа посочи дека Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори, поради што нејзиното дејствување ќе биде решително насочено кон остварување на оваа заедничка стратешка цел.