На 16 километри од центарот на Скопје и прочуено по изворот од кој цел град пие вода, селото Рашче сега стана редовна станица и на инспекторите – оние за транспорт.
16 дена откако се случи страшната несреќа со автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија, тие редовно го посетуваат ова мало село и бараат една работа, да направат увид во официјалното седиште на фирмата „Беса Транс“.
Селото Рашче е местото каде што се наоѓа седиштето на „Беса Транс“ за разлика од канцелариите спроти трговскиот центар Мавровка каде што полицијата одземаше документи за патувањето во Истанбул коешто заврши кобно.
А, таму никој не им отвора врата. Објектот на адресата којашто фигурира како официјална на превозникот нема никакви ознаки ниту табла со името, но неколкуте автобуси паркирани на само неколку метри и потврдата од соседите, укажаа дека се наоѓаме на точната адреса.
Жителите не сакаа да се снимаат, но зад камерите ни кажаа дека немаат информација каде се наоѓа нивниот сосед Хаџиу кој сите во Рашче го познаваат.
А, не знае ниту Инспекторатот за транспорт, и не е нивна работа да знаат изјави вчера за Телма директорот Хусеини.
Тој само кратко објасни дека бидејќи е затворено седиштето, инспекторите не можат да влезат и да направат надзор.
Во меѓувреме во тек е истрагата на Основното јавно обвинителство – Скопје. Сите документи за „Беса Транс“ се предадени на Обвинителството и предметот веќе е отворен.
„Во предметот за кој покажувате интерес, Јавното обвинителство постапува во предистражна постапка, во рамките на која интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите и евентуална кривична одговорност. Но, со цел да не ѝ се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали за дејствијата кои се преземаат“ велат од ОЈО.
Деновиве се појавија и шпекулации дека „Беса Транс“ продолжува да организира тури и тие експресно реагираа преку соопштение.
Превозникот во моментов ниту може ниту сака да организира екскурзии велат менаџментот и тврдат дека се фокусирани кон соработка со институциите на Македонија и Бугарија за што побрзо да се откријат причините како настанала страшната трагедија.
Петар Догов