Бугарија нема да го промени својот став по однос на започнувањето на преговорите за членство во Европската Унија за Македонија, објави БГНЕС, пренесувајќи го ставот на бугарската влада. Но од друга страна, Софија е подготвена да го подржи почетокот на преговорите за Албанија, оценувајќи дека земјата е подготвена.
Бугарија ќе се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година како и на Рамковниот договор за европската перспектива на Македонија и Албанија усвоен на Советот на министри на 9 октомври 2019 година и ваквиот став Бугарија ќе го брани на состанокот на Советот за општи работи што ќе се одржи на 14 декември во Брисел.
За Бугарија останува одлучувачки основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат. Веруваме дека Албанија е подготвена да напредува на патот кон ЕУ и е подготвена да го поддржи усвојувањето на Преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција, соопшти бугарската преодна влада.