Вести Македонија Свет

Еурактив: Кандидатот за шеф на бугарската дипломатија лажел за вработување во ЕП- а ќе биде клучен во решавањето на прашањето со Македонија

Димитар Гардев ја доби номинацијата за министер за надворешни работи во владата на Бугарија во клучниот ресор на кој му претстои тешка задача за решение кое е особено важна за  Македонија, а тоа е откочување на статусот за почеток на преговори со Европската Унија.

Но, во неговата официјална биографија за да биде избран за министер, новинарите во Бугарија открија лага за членување во високи тела во Европската Унија и во Европскиот Парламент.

Димитар Гардев, кандидатот на бугарската партија „Има таков народ“ за нов министер за надворешни работи, изгледа во својата официјална биографија излажал за неговото вработување во Европскиот парламент, објави веб медиумот Еурактив. .

Тоа може да ги наруши коалициските преговори за формирање нова влада, но тешко е да се каже дали тоа ќе го спречи Гардев да стане шеф на дипломатијата. Одлуката конечно ќе ја донесе Слави Трифонов, лидерот на партијата Има таков народ, но тој се уште не се огласил.

Гардев во својата биографија напишал дека бил советник на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) и на Поткомитетот на ЕУ за безбедност и одбрана (СЕДЕ).

Тоа е највисоката функција на Гардев, а таа информација ја пренесоа повеќето бугарски медиуми.

Еурактив Бугарија стапи во контакт со надлежните служби на Европскиот парламент, кои одговорија дека „администрацијата на ЕП нема евиденција дека Димитар Гардев бил член на персоналот во секретаријатот на Парламентот“.

Гардев всушност работел како помошник на бугарската европратеничка Елена Јончева, во нејзината канцеларија во Софија.

Гардев за Еурактив изјави дека тој навистина бил помошник на Јончева и оти во тоа својство покривал прашања од надлежност на комитетите на АФЕТ и СЕДЕ, чиј член била Јончева.

Европскиот парламент ја оценувал неговата работа, рече Гардев и додаде дека добил добра оценка.

Јончева за Еурактив потврди дека Гардев и бил помошник во канцеларијата во Софија од 2019 до 2020 година, но рече дека не е точно неговото тврдење дека бил советник во два одбори.

Функцијата министер за надворешни работи е особено важна во време кога Бугарија мора да најде решение за нејзините билатерални прашања со Северна Македонија, што ќе му овозможи на Скопје да ги започне разговорите за пристапување во ЕУ, пишува Еурактив.

Бугарскиот претседател Румен Радев пред номинациите на кандидати за министри ги повика политичките партии да предложат „професионалци“ за министерските функции, а особено за позицијата-шеф на бугарската дипломатија.

Кој е Гардев- каратист со дипломатска кариера и со споредба на бугарско-македонските односи како односите меѓу Австрија и Германија пред и по втората светска војна

Димитар Гардев е роден во 1968 година Сливен, а пораснал во Софија. Има три магистратури зад себе и професионално искуство во дипломатијата, во меѓународните односи и во големите меѓународни организации. Зборува англиски, германски, руски и грчки и е автор на аналитички написи за меѓународните односи, ЕУ, за меѓународната безбедност и односите во регионот на Црното Море, Балканот и Блискиот Исток. Тој важи за исклучително упатен во проблемите на глобалната безбедност и заканите од меѓународниот тероризам, воените, информативните и хибридните закани во меѓународните односи.

Гардев има црн појас во две боречки вештини, карате и аикидо. Претходно работел како асистент на европратеничка Јончева од Бугарската социјалистичка партија која пак била вмешана во скандал со платени надоместоци за асистенти со европски пари, а тие всушност не работеле за неа, туку за лидерката на БСП.

Гардев, според објавената биографија, е магистер по меѓународни економски односи, национална безбедност и информациска безбедност. Работел и во Министерството за надворешни работи и служел во амбасадата на Бугарија во Никозија, Кипар. По враќањето од странство работел во компанијата „Виваком“ како менаџер за деловни ризици и како виш внатрешен ревизор. Бил редовен колумнист во весникот Труд каде што објавува колумна „Што сака Бугарија од Република Северна Македонија?“  и со која директно прашува „колку часа Македонија ќе останеше независна во 1992 година, доколку Белград не се плашеше од Софија?“

Според него, Бугарија ги сака истите односи со Македонија што ги имаат сите поделени балкански народи со своите братски народи – исто како Грција и Кипар, Србија и нејзините сродни републики, Албанија со Косово, Романија со Молдавија, а  уште подалеку Германија со Австрија.

„Заедничката историја на Австрија и Германија никој не ја негира ниту во Виена, ниту во Берлин. И таму го имаа Аншлус – ‘Соединување’. Имаа и заеднички лидер – Фирерот. Адолф Хитлер беше Австриец. Тој доби германско државјанство дури по победата на изборите и мораше да се заколне на верност на Рајхстагот. Оваа заедничка историја ги претвори нивните престолнини во лунарен пејзаж во 1945 година“, пишува Гардев во колумната.

„Она што е невозможно да се види, не само од нас во Бугарија, туку и од Европа, се запалените бугарски знамиња во Скопје, сквернавениот споменик на загинатите бугарски туристи во Охридското езеро и глупавите вулгарни описи на бугарската министерка за надворешни работи Захариева и на поранешната на Грција – Дора Бакојани од страна на официјален северномакедонски државен службеник. И ова им го потенцирам на оние функционери на ЕУ кои се чудат зошто сакаме гаранции за добрососедски односи…“, пишува Гардев.

Анализирајќи ги потоа настаните од Втората светска војна, тој прашува: „Дали бугарската војска била фашистичка војска кога марширала на Црвениот плоштад?! Убивме 25.000 луѓе на боиштата на истите тие јужнословенски браќа“.

Колумната му беше отпечатена исто како и неговата официјална биографија која сега е оспорувана од бугарски новинари поради потенцијални лаги дека вршел функции во Брисел за што никој не слушнал освен што тој самиот напишал во неговата кандидатска биографија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе